Пчеларство

Пчеларникот на Праградина се наоѓа во недопрена планинска природа, на надморска височина од околу 850 метри.

Сместен е на терасиран терен, заштитен од северозапад со природна карпеста формација од вулкански туф и изложен на сонце дури и во најкратките зимски денови. Овие особености создаваат поволна микроклима за развој на здрави и витални пчелни семејства.

Во текот на сезоната пчелите собираат нектар и полен од богатата природна вегетација во околината: липа, јасен, дрен, леска, дива слива, качунка, магарешки трн, мајчина душица, кантарион, детелина, диво оригано и бројни други самоникнати растенија.

Пчелариме исклучиво според принципите на органското и одржливото пчеларство. Нашата цел не е максимален принос, туку долгорочно здравје на пчелните заедници и зачувување на природната рамнотежа.

Токму затоа медот што го добиваме претставува автентичен полифлорен мед – природен екстракт од дивите цветни ливади, шумските предели и чистата планинска средина што ја окружува Праградина.

Агрошумарство

Шумската градина го претставува срцето на Праградина. Таа се простира на околу 6.000 m², распоредени на девет тераси кои ги следат природните изохипси на теренот, со висинска разлика од околу дванаесет метри.

Долж рабовите на терасите се засадени дрвореди од овошни и јаткасти дрвја. Меѓу нив растат грмушести бобинки, лековити и зачински билки, а пошироките површини се користат за сезонски ротации на житарки и мешунки. На овој начин почвата постојано останува жива, плодна и богата со органска материја, а нејзиниот микросвет се зачувува без непотребни нарушувања.

Од северната страна е формиран ветрозаштитен појас кој, покрај заштитната функција, содржи и бројни јадливи растителни видови. Целиот систем е осмислен според природниот модел на шумските екосистеми, со повеќе меѓусебно поврзани растителни слоеви – од мицелиумот и коренестите растенија, преку ползавците, билките и грмушките, до средните и високите крошнести дрвја.

Градинарство

Градинарскиот дел од Праградина е организиран да обезбедува свежа и разновидна храна во текот на целата година. Кујнската градина, сместена јужно од куќата, е лесно достапна за секојдневните потреби и зафаќа површина од околу 100 до 300 m². Заштитена е од ветровите со куќата и ветрозаштитниот појас, а во исто време е целосно изложена на сончева светлина.

Во непосредна близина се наоѓаат стакленик и пластеник, кои овозможуваат зимско производство на зеленчук и подготовка на расад. Расадникот обезбедува садници од сезонски градинарски култури, овошни и јаткасти дрвја, грмушести бобинки, како и лековити и зачински растенија.

Дел од градината се и подигнатите леи и хугелкултурните насади, каде што во мешовити системи се одгледуваат зеленчук, цвеќиња и ароматични билки, следејќи ги принципите на природното и одржливо земјоделство.

Компостирање

Во Праградина отпадот претставува ресурс. Сите органски остатоци се враќаат во природниот циклус преку различни методи на компостирање.

Се произведува класичен компост, вермикомпост со помош на калифорниски црви, компостен чај како природно течно ѓубриво, како и топол компост според Berkeley методот.

На овој начин хранливите материи постојано се враќаат во почвата, а потребата од надворешни ресурси се сведува на минимум.

Собирање шумски плодови

Околните шуми се важен дел од екосистемот на Праградина и постојан извор на учење. Во текот на годината се собираат диви овошки и бобинки, од кои се подготвуваат сокови, компоти, слатка и други природни производи.

Лековитите билки се сушат или се преработуваат во чаеви и тинктури, а диворастечките печурки се користат свежи, сушени или маринирани.
Собирањето никогаш не претставува само искористување на природните богатства, туку пред сè учење од природните екосистеми и нивно зачувување за идните генерации.

Pragradina Logo vertical