Мед

Нашиот мед не е само природен производ. Тој е одраз на планината, на годишните времиња и на животот што непрекинато се одвива во недопрената природа околу Праградина.

Станува збор за природен полифлорен мед, создаден од нектарот и поленот на диви цветни ливади и шумски растенија. Во неговиот богат букет можат да се препознаат нијанси од: липа, јасен, дрен, леска, дива слива, качунка, магарешки трн, мајчина душица, кантарион, детелина, диво оригано и многу други самоникнати растенија.

Но природата никогаш не се повторува. Секоја сезона е различна, а со неа се менуваат и цветовите што најмногу ги посетуваат пчелите. Поради тоа, секоја година медот добива свои препознатливи ароми, боја, густина и вискозитет.

Токму затоа, секоја тегла мед од Праградина е единствена. Таа го носи неповторливиот потпис на една сезона и на едно место.

Нарачајте
мед!

Дознајте повеќе за нашето пчеларство.

Теглиме!

Во Праградина веруваме дека најеколошката амбалажа е онаа што веќе постои.

Наместо стаклените тегли да завршат во рециклирање, претпочитаме повторно да ги употребиме. За тоа е потребно многу помалку енергија и значително помалку се оптоварува животната средина.

Во природата и пчелите нè учат на истиот принцип. Тие не го претопуваат саќето секојпат кога ќе складираат нов мед, туку внимателно ги чистат ќелиите и повторно ги исполнуваат. Тоа е пример на домаќинско и мудро користење на ресурсите.

Од нив учиме и ние.

Затоа, за осум чисти и неоштетени тегли што ќе ни ги вратите, од нас добивате една полна тегла мед.

А ако теглите ги донесете лично во Праградина, ќе имате можност да се запознаеме, да го посетите пчеларникот, да видите од каде навистина доаѓа вашиот мед и непосредно да го доживеете светот на пчелите.

Веруваме дека тогаш медот нема само да ви биде посладок.

Ќе стане дел од една приказна во која заедно се грижиме за природата, ги поддржуваме пчелите и покажуваме дека и малите чекори можат да создадат голема промена. 

Pragradina Logo vertical