Заедница што расте заедно со природата

Како што секој организам во природата има своја улога и придонесува за целината, така и Праградина сака да гради односи со луѓето околу себе засновани на доверба, соработка и заеднички развој.

Праградина е создадена според принципите на природните екосистеми. Преку поврзаност, заемна корист и меѓусебна поддршка заедно да градиме односи на доверба, грижа и заемна поддршка.

Нашата визија е постепено создавање на модел на Земјоделство поддржано од заедницата (ЗПЗ), каде луѓето не се само потрошувачи, туку активни учесници во создавањето на одржлив систем за производство на здрава храна и зачувување на природата.

Праградина нуди производи, искуства и можности за вклучување за сите оние кои ја препознаваат вредноста на здравиот начин на живот, природната храна и одговорниот однос кон земјата.

За возврат, поддршката од заедницата овозможува долгорочен развој на нови производи, подобрување на агроекосистемот и создавање место кое е од полза и за луѓето и за природата околу него.

Земјоделство поддржано од заедницата (ЗПЗ)

Членовите на заедницата не се само купувачи. Тие се партнери во развојот на еден жив агроекосистем.

Моделот на ЗПЗ во Праградина создава директна врска помеѓу производителот и луѓето кои ги поддржуваат неговите вредности преку:
– членство,
– сезонски претплати,
– донации,
– кумство на пчелни семејства и растенија,
– доброволна работа.

Секој може да придонесе Праградина да расте во согласност со природните циклуси.

Членство и сезонски пакети

Како што пчеларот им дава восочна основа на пчелите за полесно да го изградат саќето, така и поддршката од членовите создава стабилна основа за развој на Праградина.

Покрај редовната набавка на неделни или месечни кошнички со производи, можете долгорочно да ја поддржите Праградина преку членство во заедницата и претплата на сезонското производство.

За возврат, членовите имаат предност при добивањето на свежите сезонски производи и стануваат дел од развојот на една жива фарма.

Станете дел од пчелното семејство на Праградина!

Донации

Донацијата е начин да ја поддржите Праградина без долгорочна обврска.

Може да биде индивидуална или од страна на организации и партнери кои ја препознаваат вредноста на одржливото земјоделство, зачувувањето на природата и создавањето здрава храна.

Како што временските услови во природата секоја година создаваат различно изобилство – некоја година повеќе цветови, друга година поскромна паша – така и секоја поддршка придонесува Праградина да продолжи да расте и да се развива.

Донирајте и придонесете кон една жива приказна!

Кумство

Кумството е посебен начин на лично поврзување со Праградина.

Со кумство на определено пчелно семејство или растение, станувате директен поддржувач на неговиот развој во текот на сезоната или подолг период.

Кумовите добиваат можност да го следат развојот преку фотографии, видеа, извештаи и ознаки со своето име, а по бербата добиваат соодветен дел од приносот.

На овој начин создавате лична врска со дел од природниот циклус и станувате дел од неговата приказна.

Кумувајте и помогнете да расте животот во Праградина!

Волонтирање

Секој човек има нешто што може да го даде – како што секоја пчела има своја улога во пчелната заедница.

Праградина е отворена за луѓе кои сакаат да придонесат со своето време, знаење и вештини.

Во зависност од интересите и можностите, може да се помогне во пчеларникот, овоштарникот, градината, домаќинството или грижата за животните.

Станете една од работните пчели на Праградина и придонесете со својот труд! 

Pragradina Logo vertical