Pragradina Kozhuf

Нашето земјоделско домаќинство

Тоа е стремеж кон поинаков начин на живеење – близок до природата, домаќински и одговорен кон земјата што ни е доверена.

Праградина е сместена длабоко во недопрените предели на планината Кожуф, каде природата сè уште зборува на јазикот на древните доблести.

Овој мал планински агроекосистем и пчеларско прибежиште не е деловен потфат. Сè што создаваме најнапред произлегува од нашите сопствени потреби. Дури потоа, она што природата великодушно го дарува како вишок, го споделуваме со пошироката заедница.

Вредности

Преселбата од градот во планината не беше бегство од современиот живот, туку чекор кон поцелосен живот.

Водата, земјата, воздухот и шумата во Праградина нудат погодни услови и околина за човечкиот оган да може мирно да тлее во огништето. И тоа не со цел да ја покорува природата, туку за да ја облагородува и да живее во согласност со неа.

Нашиот пат започна со три едноставни и длабоки вредности:

  • спокојство,
  • скромност,
  • одмереност.

Веруваме дека токму овие доблести му овозможуваат на човекот повторно да го најде своето место во природниот поредок.

Преселбата во планината нѝ овозможи секојдневно да учиме од природата и постепено да изградиме дом во кој човекот не се спротивставува на природните закони, туку се труди да ги разбере и да живее според нив.

Тоа искуство сакаме да го споделиме и со другите.

Домот како мерка

За нас, економијата и екологијата не можат да постојат една без друга.

И двата поима го носат истиот корен – домот (oikos).

Затоа веруваме дека вистинската економија не започнува со профитот, туку со грижата за домот: за земјата, водата, шумата, животните и луѓето.

Благосостојба

Кога домот е здрав, природно се создава и вистинско богатство.

Во Праградина се трудиме да живееме токму според ова начело.

Да земаме од природата само онолку колку што можеме чесно да ѝ вратиме.

Да ја оставиме земјата побогата отколку што сме ја затекнале.

Жив агро-еко-систем

Во Праградина ништо не постои само за себе.
Сè е поврзано.

Нашата главна дејност е органското и одржливо пчеларство. Но пчелите се само почеток на една многу поголема приказна.

Целиот имот е обликуван според принципите на пермакултурниот дизајн и агрошумарството. Секој елемент е поставен така што го поддржува животот на останатите.

Терасите создаваат поволна микроклима. Овошните дрвја обезбедуваат нектар и полен за пчелите. Пчелите ги опрашуваат овошките и ја зголемуваат нивната плодност. Лековитите и зачинските билки ја збогатуваат биолошката разновидност и придонесуваат за здравјето на пчелите и луѓето. Мешунките ја збогатуваат почвата со азот, создавајќи подобри услови за развој на останатите растенија.

Под земјата, мицелиумот ги поврзува растенијата во сложена мрежа на живот. Над земјата, инсектите, птиците, животните и човекот стануваат дел од истиот природен тек.

Пчелите како учители

Пчелните семејства се во срцето на Праградина.
Тие се нашите учители.

Од нив учиме како се создава заедница, како се работи со трпение, како секој има свое место и како заедничкото добро секогаш е поголемо од личната корист.

Со својата неуморна работа тие го поврзуваат целиот агроекосистем: ги облагородуваат растенијата, ги хранат шумите, овоштарниците и ливадите и нè потсетуваат дека вистинскиот напредок секогаш се создава преку соработка.

Пчелите нè научија секоја обична човечка фарма, градина или саксија да ги гледаме со други очи и би сакале тоа да го направат и за Вас.

Би сакале што повеќе луѓе да ја искусат оваа хармонија и да дојдат до ова сознание, за колку што е можно, тоа да нѝ помогне светот повторно да го направиме поблизок до мудроста на природата.

Праградина е жив екосистем, дом и заедница во кои човекот повторно учи да живее како дел од природата, а не над неа. 

 

Старото добро за денес и утре!

Pragradina Logo vertical